МАКЕДОНСКИ ДИЈАЛЕКТЕН АТЛАС


Главен истражувач: д-р Веселинка Лаброска

Соработници: д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, д-р Еленка Стоевска-Денчова, д-р Гоце Цветановски



Цел на проектот 

Проектот Македонски дијалектен атлас (МДА) е инициран во далечната 1959 година на Конгресот на југословенските слависти во Загреб, од страна на академик Божидар Видоески, негов основач, организатор и раководител до крајот на својот живот (1998 г.). Овој проект е долгогодишен проект од највисоко национално значење бидејќи со него треба да се истражат и опишат географски (на дијалектолошки карти) сите говори од територијата на етничка Македонија, односно од Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија, регионот во пограничјето со Албанија каде што се зборува македонски и регионот на Гора (што сега припаѓа делумно во Албанија и делумно во Косово). Во изминатиов период од шеесетина години, на проектот МДА биле вклучени повеќе десетици соработници, од кои дел вработени во Институтот за македонски јазик, а дел надворешни соработници. Собрани се три големи картотеки: 1) картотека со тетратките од собраниот теренски материјал според Прашалникот за собирање материјал за Македонскиот дијалектен атлас изработен од Божидар Видоески, од пунктовите избрани за МДА (вкупно 392 пункта); 2) Картотека на МДА со испишани ливчиња за секое одделно дијалектно прашање од Прашалникот со околу 2 милиони ливчиња и 3) картотека на семинарски и магистерски работи коишто се изработени од студенти со менторство на професорот Божидар Видоески и на другите соработници на Проектот.



Досегашни резултати

МАКЕДОНСКИ ДИЈАЛЕКТЕН АТЛАС, ПРОЛЕГОМЕНА (воведниот том на МДА), ИМЈ „Крсте Мисирков“, Скопје 2008 год. под редакција на д-р Убавка Гајдова (главен редактор), д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, д-р Веселинка Лаброска, д-р Марјан Марковиќ, д-р Еленка Стоевска-Денчова и д-р Гоце Цветановски; рецензенти: академик Зузана Тополињска, академик Петар Илиевски Досега се објавени и десетина монографии кои обработуваат или одделен пункт/регион од МДА, или одделно семантичко поле според материјалот од картотеките.

Датум на последен извештаен период на проектот: 2010 година

Главен финансиер: Министерството за образование и наука

Носител на проектот: ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисикров“ – Скопје при УКИМ